Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски во новата сезона повторно ќе настапува во европската кошарка откако денеска потпиша договор со италијанскиот прволигаш Тренто.
Нашиот кошаркар се уште се наоѓа во САД каде тренираше последните недели, но одлучи да ја прифати понудата која го враќа во Европа, поблиску до дома и поблиску до македонската репрезентација. Првите впечатоци по договорот со Тренто се позитивни и Јакимовски со нетрпение очекува да ја почне новата епизода во својата кариера.
„Многу сум задоволен и мислам дека е одлично тоа што ќе се вратам во Европа. Тренто минатата сезона го освои Купот на Италија и е во постојан развој, а познат е по тоа што им дава шанса на млади играчи. Тоа важи и за тренерот Масимо Канчелери кој беше назначен во мај, по завршувањето на сезоната и со кој се надевам на добра соработка. Во следниот период треба подетално да се запознаам со неговите планови, но во секој случај сметам дека Тренто е вистинска опција за мене во овој момент“, изјави Јакимовски за КОШ.МК.
Потписот со Тренто за него значи враќање во италијанската кошарка каде настапуваше во сезоната 2019/20 кога како член на Баскет Торино играше во Втората лига.


