Најтрофејниот тренер во историјата на МЗТ Скопје, Васко Атанасов ќе го води тимот од Аеродром и во новата сезона откако го продолжи договорот на уште една година.
Такво нешто можеше да се очекува ако се знае дека под водство на 31-годишниот струмичанец, МЗТ последните три години, односно од назначувањето во мај 2023, освои се што може да се освои во домашната кошарка. Во својата колекција, Атанасов веќе има три титули и по два трофеја во Купот и Суперкупот на Македонија.
„Горди сме што со продолжувањето на соработката обезбедуваме континуитет, стабилност и амбиција за уште поголеми успеси во сезоните што следат. Воедно, потврдуваме дека дел од стручниот штаб ќе останат и неговите помошници Дејан Србиновски и Тино Даневски, како и Филип Босилков, кој ќе се грижи за кондициската подготвеност“, објави МЗТ Скопје.
МЗТ Скопје е еден од ретките тимови во македонското првенство кој досега не претстави ниедно засилување. И во новата сезона костурот ќе го сочинуваат прекалените борци и оние кои беа тука претходната кампања, но во следниот период се очекуваат неколку нови имиња со кои аеродромци ќе тргнат во поход по нова тројна круна и што подобар настап во АБА 2 лигата.


