Екипата на Феникс го комплетираше октетот учесници во плејофот откако вечерва го совлада Шкупи со 85-81.
Натпреварот во Кале директно одлучуваше за осмото место на табелата бидејќи со евентуален пораз, таа позиција ќе ја освоеше тимот на Тиквеш кој вчера направи сензација и го победи шампионот МЗТ Скопје. Феникс мораше да победи и го извади најдоброто од себе и тоа во клучните моменти, па, межу другото, избегна тешка борба за опстанок во елитната конкуренција.
Победникот на овој меч беше решен во последните пет минути во кои екипите влегоа со израмнет резултат (71-71). Феникс потоа направи 8-2, подоцна поведе и со 81-74, но до крајот имаше уште нешто повеќе од две минути. Шкупи успеа да се доближи на 78-81, но Марфи и Митревски реализираа во следните два напада и Феникс ја однесе победата.
Тие двајца и беа најзаслужни за триумфот, капитенот постигна 24 поени, а американскиот интернационалец заврши со 20 поени и 11 скока. Кај Шкупи, кој останува во жестока битка за опстанок со Гостивар, Сила беше убедливо најдобар играч со 22 поена и 13 скока.


