Откако пред два дена Работнички и Пелистер ја одиграа „мајсторката“ од нивната серија, познати се четирите полуфиналисти во македонскиот плејоф.
Претпоследната фаза од првенството почнува со денешниот меч меѓу бранителот на титулата МЗТ Скопје и дебитантот во оваа конкуренција МКК Куманово. Натпреварот ќе се игра од 19:30 часот во „Јане Сандански“, а шампионот ќе ја има предноста на домашниот терен и е голем фаворит за пласман во финалето.
Двете екипи минатата недела си ја завршија својата работа, МЗТ немаше проблеми со Феникс, а МКК Куманово во четири меча го елиминира Кожув. И едните и другите беа беспрекорни на домашен терен и остварија убедливи победи.
Во основниот дел од сезоната, овие екипи се сретнаа два пати и на двата меча победи МЗТ Скопје. Интересно е тоа што МКК Куманово даде посилен отпор во „Јане Сандански“ каде безмалку три четвртини се играше егал, а тимот на Марин Докзуосвки беше во игра дури и за победа до последните минути. Во Куманово во јануари немаше таква неизвесност бидејќи шампионот имаше предност и од 25 разлика.
Втората полуфинална двојка ја сочинуваат ТФТ и Работнички, тимот од Тафталиџе ја има предноста на домашниот терен, а серијата почнува утре во 18 часот во Кале.


