Со дуелот меѓу МЗТ Скопје и Маџари, денеска во 18 часот во „Јане Сандански“ почнува 34. сезона во македонското кошаркарско првенство, сега со ново име – Суперлига.
Меѓу другото, оваа сезона ќе биде последна со 12 екипи во елитната конкуренција бидејќи уште во јуни беше најавено дека од догодина бројката ќе се намали на 10, а во понизок ранг ќе испаднат три со тоа што една влегува од Втората лига. Новата сезона ќе биде прва целосна за новото ракодоство на КФМ кое стапи на должност во мај годинава, а почнува во ситуација кога состојбата на клубовите веројатно никогаш не била полоша, секако не по вина на КФМ.
Поради финансиски проблеми, некои од екипите доцна почнаа со подготовки и едвај се екипираа, а два клуба преговараа со второлигаш за продажба на своето место во елитната конкуренција што на крајот не се случи. Освен тоа, голем број од клубовите им должат многу плати на своите кошаркари, сегашни и поранешни, должат и за користење на салите и прашање е како ќе ја истераат натпреварувачката кампања до крај. Од овие причини и не треба да се очекува некој претеран квалитет во новата сезона и покрај тоа што три македонски клуба ќе играат на меѓународна сцена – два во АБА 2 лигата (МЗТ Скопје и ТФТ) и еден во ФИБА Европа купот (Пелистер).
Кошаркарската федерација пред неколку недели го смени системот за натпреварување, па место плејоф по основните 22 кола, ќе се играат дополнителни пет круга во кои ќе учествуваат најдобрите шест екипи. Останатите шест одат во плејаут, односно борба за опстанок која сезонава се очекува да биде навистина жестока.
Од натпреварувачки аспект, повторно прв фаворит за титулата е актуелниот шампион МЗТ Скопје кој има можност седми пат по ред и вкупно 13. во историјата да го крене пехарот. Ако успее во тоа, ќе се израмни со Работнички, единствен кој досега има седум титули во низа, освоени во периодот од 1993 до 1999 година. МЗТ Скопје веќе имаше една шанса да го стигне Работнички во оваа категорија, во 2018 година, но тогаш токму тимот од Градски парк се покажа како непремостлива пречка и дојде до својата 15. и досега последна шампионска титула.
Натпреварите пред почетокот на сезоната и Суперкупот покажаа дека МЗТ Скопје уште не е во најдобра форма, но на почетокот од оваа недела аеродромци се засилија со уште еден американски кошаркар, се очекува враќањето и на Маслинко, па секако има најширок ростер од сите екипи во лигата. Според амбициите и составот на тимот, се очекува Пелистер да му биде најсериозен ривал на шампионот, но сериозна екипа направи и Кожув, а никако не смее да се заборави вицешампионот ТФТ. Работнички, кој ќе почне со нов тренер, на хартија има солиден тим, но прашање е дали Владимир Мирковски ќе може да смета на сите кошаркари бидејќи клубот има суспензија од ФИБА за регистрирање странци.
Основниот дел од Суперлигата ќе се игра до 5 април, втората лигашка фаза е на програмата до последниот викенд од четвртиот месец во 2026, полуфиналето од плејофот почнува на 2 мај, а планирано е сезоната да трае најдоцна до 31 мај. Промени се можни само ако Пелистер во ФИБА или МЗТ Скопје и ТФТ во АБА 2 направат забележителен успех и се пласираат во завршницата од тие натпреварувања.
ПРВО КОЛО – РАСПОРЕД
03.10.2025
МЗТ Скопје – Маџари 18:00
04.10.2025
Гостивар – Тиквеш 18:00
05.10.2025
Кожув – ТФТ 18:00
Чаир – МКК Куманово 19:00
Феникс – Ангели 20:30
06.10.2025
Работнички – Пелистер 18:00


