Викендов се играат третите натпревари од полуфиналните серии во македонското кошаркарско првенство и теоретски е можно да ги добиеме финалистите за оваа сезона.
Првиот со таква шанса е МЗТ Скопје кој вечерва од 19 часот му гостува на МКК Куманово, тим кој во својата дебитантска сезона во елитата оствари голем успех, пласирајќи се меѓу четирите најдобри. Со оглед на тоа што сезонава е 4-0 за шампионот во меѓусебните дуели, јасно е дека аеродромци се огромни фаворити и вечерва.
Двата меча одиграни во „Јане Сандански“ ја потврдија разликата во квалитет во корист на МЗТ Скопје иако МКК Куманово на вториот натпревар даде нешто посилен отпор и загуби со само шест поени разлика. Кумановци вечерва ќе имаат голема поддршка од навивачите и ќе се обидат да ја пролонгираат серијата, односно да го натераат актуелниот првак уште еднаш да дојде во нивниот град.
Третиот натпревар од втората полуфинална серија, меѓу Работнички и ТФТ е на програмата утре.


