Само еден ден откако се вратија од У20 Европското првенство Б-дивизија што се одржа во главниот град на Ерменија, двоецот Стефан Стојковиќ-Марко Луканоски му се стави на располагање на селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Марјан Илиевски.
Двајцата кошаркари, заедно со Павел Иванов, беа најзабележителни во македонскиот тим на младинското првенство, а првпат во својата кариера ќе бидат дел од националниот тим. Луканоски и Стојковиќ се родени 2006 година и учествуваа во ланскиот голем успех на јуниорската репрезентација која го освои златото на Европското првенство Б-дивизија во Скопје.

Покрај нив, од вчера со националниот тим во Гевгелија е и третиот кошаркар на ТФТ, Никола Василевски кој ќе ја засили конкуренцијата на бековските позиции.
Со нив тројца, македонската репрезентација веќе има 16 кошаркари на подготовките, а допрва се очекуваат Јакимовски и Вајли. Се ближат и контролните натпревари против Швајцарија кои се на програмата в сабота и недела од 19 часот, во Гевгелија.


