Екипите на Пелистер и Работнички ќе одиграат најмалку уште еден натпревар во четвртфиналето од плејофот откако битолскиот тим денеска славеше убедлив триумф во третиот меѓусебен дуел.
Пелистер пред своите навивачи победи со 101-77 и намали на 1-2 во серијата во која се игра до три. Работнички ниеднаш не се најде во водство, а најголемата предност на домашниот тим изнесуваше 32 поена разлика.
Многу работи беа јасни по 20 минути игра по кои на семафорот стоеше 55-36 за Пелистер. Работнички не личеше на онаа екипа која на претходните два меча доминираше, а особено на вториот на кој славеше со 79-50. Пелистер на овој натпревар беше со новиот тренер Дејан Илиевски кој во неделата го замени Ненад Трајковиќ.
Цела прва петорка на Пелистер постигна двоцифрен број поени, а најдобар беше Мишковиќ со 27 поени и 9 скока. Ѓуроски со 14 поени го предводеше Работнички кој ќе биде гостин и на четвртиот меч, во текот на викендот.


