Најинтересната четвртфинална пресметка од македонскиот кошаркарски плејоф ќе се решава во петти натпревар како единствена серија во која ќе се игра „мајсторка“.
Пелистер и вечерва оствари убедлива победа против Работнички, со 85-67 и израмни на 2-2, па противникот на ТФТ во полуфиналето ќе се знае по мечот чиј домаќин ќе биде 15-кратниот шампион на Македонија. Вечерва одлучи второто полувреме во кое Работнички одигра очајно и за 20 минути постигна само 23 поени.
Почетокот на навестуваше такво нешто бидејќи во шестата минута гостите водеа со 12 поени разлика (18-6). Пелистер брзо се консолидира и намали на 17-20, но Работнички во вториот период повторно имаше двоцифрена предност (39-29) и на голем одмор замина со 44-39.
Во вториот дел, сосема поинаква слика на теренот. Пелистер ја стегна одбраната и на средина од третиот квартал првпат поведе, со 47-46 за на половина минута пред крајот на тој период да дојде до предност од 61-52. Се беше решено по серијата од 14-0 во последната четвртина по што Пелистер отиде на недостижни 75-58.
Цела почетна постава на Пелистер имаше двоцифрен ефект, најефикасен беше Стајиќ со 21 поен, но се истакна и Галовеј со 15 поени и 15 скока. Рош со 17 поени и 8 скока беше најдобар кај Работнички, но повторно потфрлија некои од искусните кошаркари од кои се очекуваше да го повлечат тимот.


