Македонската кошаркарска репрезентација ја очекува последниот дуел од претквалификациите за Светското првенство, против Унгарија в среда на домашен терен.
Шансите за пласман во следната фаза повеќе не постојат, но националниот тим е во фаза на целосна смена на генерации, процес од кој бенефитот треба да се види во квалификациите за Европското првенство. Селекторот Марјан Илиевски делумно и принудно го почна сето тоа, но е одлучен во својата намера да отиде до крајот.
„Најавеното на стартот на подготовките беше тоа, да градиме тим за иднината. Меѓутоа мора да земеме еден факт кој е поразителен и ме загрижува, тоа е за ноемврискиот прозорец, е што се запознаваме овој месец, овие кошаркари не играат во едно високо натпреварување или клубовите не играат меѓународни натпреварувања, па играчите немаат влијателна улога во своите екипи. Може да се случи она што не краси како енергија сега, да го продолжиме понатаму. Играчите кои се овде покажаа одредени квалитети, мислам дека требаа да имаат простор да добијат шанса во своите клубови, па така и клубовите да добијат од нив, но и ние како репрезентација, затоа што овие играчи не се штедат воопшто и се големи борци и работници.
Забележително е дека има одреден напредок, јас напоменав и претходно дека ќе не краси тимска енергија. Таа е производ на она што е создадено како хемија во изминатиот краток период. Квалитетот кој не го поседуваме во напад е нешто што во клучните моменти ни одредува мечот да ‘оди’ кај поискусната екипа, Тоа беше случај на претходните два меча со Романија. Ние работиме на самодовербата кај играчите, за да не допира до нив цел оној наш менталитет како јавност. Сето она кое тие го добиваат со разговор и тренажен процес, е работа за да добијат самодоверба која и тоа како им е потребна.
Мечот со Унгарија не ни значи резултатски ниту на нас, ниту на нив, но ние од самиот почеток кажавме дека секој дуел кој ќе го имаме, па дури и оној на тренинг меѓу двете петорки, ќе биде од големо значење за сите и затоа на секој натпревар гледаме да го извадиме нашиот максимум. Па дај Боже и да победиме. На хартија сме далеку понеквалитетна екипа од Унгарија, во однос на искуство и на заеднички години, но ќе се бориме. Задоволен сум, без никакво правдање на нештата. Ќе стојам зад овие играчи, се додека го даваат максимумот и го почитуваат стручниот штаб, ќе ја имаат мојата поддршка“, рече Илиевски пред денешниот тренинг.
Македонската репрезентација в среда го завршува овој циклус, а во ноември ќе го почне новиот, во рамкките на претквалификациите за Европското првенство.


