Со дуелот против Работнички, попладнево во Кале почнува новата сезона во македонското првенство за поранешниот вицешампион Пелистер.
По кампањата за заборав во која беше освоено шестото место и екипата испадна во четвртфиналето од плејофот, битолчани со многу повисоки амбиции го дочекуваат стартот на новиот шампионат. Пелистер ќе игра и во ФИБА Европа купот, во текот на летото направи реновирање на екипата и донесе нов тренер.
На клупата ќе биде Борче Даскаловски, поранешниот играч на Пелистер кој од летово е и член на стручниот штаб на македонската репрезентација. Денешниот дуел ќе претставува деби во Суперлигата за двајца тренери, Даскаловски кај Пелистер и Мирковски кај Работнички.
„Мојата тренерска филозофија е таква, да не сум фокусиран на противникот, туку само на својата екипа, размислувам само за нашата игра која мора да биде на највисоко ниво. Неиграњето на неколку играчи ќе влијае на играта на противникот, но јас ќе инсистирам ние да одиграме максимално ангажирано од првата до последната минута за да стигнеме до резултатот што сите го посакуваме. Работнички е анализиран, подготвени сме за стартот на сезоната и очекувам тоа да го покажеме на денешниот натпревар.
Јас веќе на воведната прес-конференција реков дека заедничка желба ни е да донесеме пехар и да ја израдуваме Битола. Сепак, од сегашен аспект сметам дека е многу рано да се создава еуфорија на ваква тема. Секако дека желбата и зацртаните цели остануваат и ние ќе сториме се за да ги оствариме. Одиме натпревар по натпревар, како во домашното првенство така и во ФИБА Еврокупот, каде ќе се обидеме да стигнеме до што повеќе победи и достојно да ја претставиме македонската кошарка. Не сакам да се размислува предалеку, фокусот треба да ни биде само на секој нареден меч, да бележиме победи и да ја креваме формата како што ќе минува времето. Во едно сум убеден, Пелистер ќе игра квалитетна кошарка сезонава“, рече Даскаловски пред гостувањето во Скопје.
Пелистер во моментов има петмина странци, па тренерот ќе мора да ротира. Денешниот натпревар против Работнички се игра од 15 часот.


