Српскиот стручњак Ненад Трајковиќ од вечерва не е тренер на Пелистер откако раководството на клубот одлучи да ја прекине соработката со него.
Битолчани загубија со 29 разлика од Работнички во вториот меч од четвртфиналната плејоф серија и веќе губат со 0-2, па можно е веќе в среда да ја завршат оваа сезона што би бил голем неуспех.
„Кошаркарскиот клуб Пелистер ја известува јавноста дека ја прекинува соработката со тренерот Ненад Трајковиќ, по слабите игри и резултати на екипата во изминатиот период.
Трајковиќ дојде на чело на Пелистер на почетокот од оваа календарска година на местото на Александар Петровиќ, српскиот стратег за момент успеа да го внесе тимот во посакуван ритам, но падот на формата и слабите резултати на стартот од плејофот беа причина како управа да бидеме принудени на ваков чекор по два пораза во четвртфиналната серија со Работнички“, пишува во соопштението од актуелниот вицешампион.
На претстојниот меч, а ако биде потребно и понатаму, екипата ќе ја води досегашниот асистент Дејан Илиевски кој претходно им помагаше и на Петровиќ и Радуловиќ. Трајковиќ беше втор тренер на Пелистер оваа сезона која како предводник на клупата ја почна Александар Петровиќ.
Србинот дојде во Македонија како стручњак со НБА реноме, но не успеа да го крене Пелистер. Покрај катастрофата од МЗТ Скопје во полуфиналето на Купот, екипата од Битола е на пат да го заврши својот настап во четвртфиналето од плејофот што е голем чекор назад ако се знае дека претходните три сезони стигнуваше до финалето.


