Македонскиот прволигаш Пелистер за една недела го очекува настап во квалификациите за Лигата на шампионите, а денеска одигра пријателски меч со Трикала во Грција.
Домаќините славеа со 91-89 откако претходно, во најголемиот дел од мечот Пелистер ја имаше контролата над резултатот. На полувреме беше 48-41 за битолскиот тим, по три четвртини и 75-69, но во драматичниот финиш Трикала успеа да направи пресврт и да дојде до триумф.
Ова беше прв тест за Пелистер и прва можност реновираниот тим да види како функционира заедно. Летово битолскиот состав се засили со седум нови кошаркари од кои шестмина странци и македонскиот репрезентативец Андреј Митревски.
Квалификациите за Лигата на шампионите ќе почнат на 19 септември во Самоков, а Пелистер за противник го има италијанскиот прволигаш Реџана.


