Најтрофејниот македонски клуб Работнички е на една победа од пласман во полуфиналето на плејофот откако и во вториот меч од серијата го победи Пелистер.
За разлика од првиот натпревар пред четири дена, кога победникот се решаваше во последната минута, сега се беше готово по неполни три четвртини, а домашниот тим славеше со 79-50. Одлучи очајното второ полувреме на Пелистер во кое битолскиот тим вкупно постигна вкупно 16 поени.
И Работнички изгледаше многу подобро отколку тој на натпревар бидејќи со исклучок на воведните минути, постојано ја имаше иницијативата и го диктираше темпото. Пелистер отвори со 8-2, но Работнички со тројките на Мениго и Ѓуроски во финишот од првата четвртина отиде на 17-12 и повеќе ниеднаш не го доведе во прашање своето водство.
На полувреме беше 42-34, а потоа почна тоталната доминација на домашниот тим. Од средината на третата до средината на последната четвртина, Работнички направи серија од 20-1 и за 10 минути Пелистер постигна само еден поен. Во финишот, кога се беше решено, битолчани малку го поправија билансот, инаку второто полувреме ќе го завршеа со едноцифрен број поени.
Работнички имаше 11 скока (46/35) и 17 асистенции (23-6) повеќе од гостинскиот тим, а соодносот на вкупниот индекс на двете екипи е неверојатен (105-39). Работнички и шутираше подобро, кошаркарите на Пелистер погодија едвај три тројки од 26 шута.
Рој со 18 поени и 9 скока беше најдобар играч на Работнички, но се истакна и младиот Андреј Шошкиќ кој за малку не оствари трипл дабл: 9 поени, 9 скока и 11 асистенции. Мишковиќ и Галовеј со по 13 поени го предводеа Пелистер кој оваа сезона нема победа на четирите меча против Работнички, а ќе мора да го совлада на следниот натпревар ако сака да си ја продолжи сезоната.


