На 19 септември, Пелистер го очекува квалификацискиот дуел за Лигата на шампионите против италијанската Реџана на турнирот што ќе се одржи во Самоков.
Со оглед на тоа што квалификациите се играат по куп-систем, евентуален пораз ќе значи крај на настапот на битолскиот тим и преселба во ФИБА Европа купот. Битолскиот тим има уште девет дена до натпреварот со Реџана, а во овој период ќе одигра два натпревара.
Едниот е од меѓународен карактер, против грчкиот тим Трикала на гостински терен в сабота, а вториот е во Битола, против Маџари на 16 септември. Следниот ден експедицијата заминува за Самоков каде ќе се игра квалификацискиот турнир.
Пелистер летово направи речиси целосен ремонт на тимот, донесе седум нови кошаркари од кои шест странци, плус македонскиот репрезентативец Андреј Митревски, а ги продолжи договорите со уште четворица. Првпат во својата историја ќе игра во натпреварувањата на ФИБА, а под водство на новиот тренер Боро Даскаловски ќе се обиде да стигне до првиот трофеј во своето постоење.


