Како една од мерките од новата стратегија на Кошаркарската федерација на Македонија, за претстојната сезона е предвидено враќање на можноста во второлигашките екипи да игра по еден странски кошаркар.
Такво нешто во земјава постоеше пред повеќе од две децении, во оваа конкуренција уште одамна играше првиот американски кошаркар во Македонија, Бонер Апшоу (Тиквеш), нешто подоцна и нигериски, украински и словенечки кошаркари, но понатаму беше укината со цел домашните играчи да добијат повеќе простор за игра. Интересно е тоа што периодот кога странски играчи настапуваа во Втората лига, беше најуспешниот во историјата на македонска клупска кошарка. Сега повторно ќе може во второлигашката конкуренција да настапуваат странци, а со цел развој на екипите, но и можност за напредок на кошаркарите од земјава.
Втората лига за новата сезона е планирано да брои 12 екипи, но не е исклучено овој број да биде зголемен со специјална покана за третолигашки тимови со специјална покана, ако ги исполнат условите од лиценцниот систем. Оваа конкуренција го менува името и ќе се вика Прва лига бидејќи елитната конкуренција се преименува во Супер лига.
Промена има во Третата лига која ќе се вика Аматерска лига и ќе функционира како посебна сениорска лига.


