Горан Самарџиев од вчера официјално не е тренер на Работнички, а клубот од Градски парк го назначи неговиот наследник кој ќе има задача да ја доврши сезоната.
Како што вчера најави КОШ.МК, станува збор за еден од помладите стручњаци во земјава Нермин Пепиќ кој во моментов е тренер на јуниорската екипа (У18) на Работнички, а го води и кадетскиот тим. Пепиќ веќе ја презеде сениорската екипа и ја тренираше во текот на вчерашниот и денешниот ден.

Пепиќ е еден од попознатите тренери во младинските категории во кои освои и низа трофеи. Пред неколку сезони му беше асистент на Тони Симиќ во сениорскиот тим на Работнички, како и во младинската репрезентација која играше на Европското првенство Б-дивизија во Турција.
Своето деби тој ќе го има на натпреварот против ТФТ в недела од 20:30 часот на кој Работнички мора да победи за да остане во полуфиналната серија. Во случај на пораз, ќе игра за третото место со поразениот од серијата меѓу МЗТ Скопје и МКК Куманово.


