Најголем дел од македонските клубови се во преговори со кошаркари кои би сакале да ги имаат во своите редови во новата сезона, а првиот потпис падна во тимот на Тиквеш.
Нов играч на поранешниот шампион на Македонија е 25-годишниот Благој Димитријев кој доаѓа од редовите на Феникс. Станува збор за кошаркар кој ги покрива позициите 4 и 5, а претходната сезона беше еден од најстандардните во тимот од Гази Баба. Одигра 24 натпревари со просек од 7,3 поени и 3,1 скок за 19 минути на теренот, а својот развој очекува да го продолжи во тимот на Тиквеш.
За разлика од лани, кога до последен момент не беше познат статусот на клубот, Тиквеш сега најрано тргнува во офанзива, во надеж дека ќе успее да направи уште поквалитетен тим. Јасно е дека на клупата останува младиот Атанас Манев кој покажа дека е перспективен стручњак и може да ја води екипата.


