Пелистер ќе има значително полесна задача во натпреварот што требаше да биде дерби на првото коло од новата сезона од Суперлигата.
Во воведниот круг, битолчани ќе играат против Работнички, а 15-кратниот шампион на Македонија ќе биде драстично ослабен бидејќи тренерот Владимир Мирковски нема да може да смета на четворицата странски кошаркари кои беа ангажирани летово. Причина за тоа е суспензијата за трансфери на странци од ФИБА поради шесте пријави против Работнички од поранешни кошаркари и функционери за заостанати плати.
Како резултат на ова, променет е и терминот на дербито од првото коло. Место в понеделник од 18 часот, Работнички ќе го пречека Пелистер в недела од 15, исто така во Кале. Работнички првично го закажа натпреварот во најдоцниот можен термин, со цел да „купи време“, но сепак не успеа во својата намера. Во меѓувреме, додека чека регистрација, Работнички се ослободи од Брендон Витни, па сега и на тренинзите останува со тројца кошаркари од странство.
Во клубот постои надеж дека, сепак, ќе успее да ги регистрира странските играчи до второто коло во кое се среќава со локалниот ривал ТФТ.


