Поранешниот шампион на Македонија, Работнички интензивно работи на изградба на тимот за претстојната сезона и веќе го договори четвртото засилување.
Нов член на тимот од Градски парк е 25-годишниот бек Борјан Стојановски кој во Работнички доаѓа од тимот на Шкупи, а претходно играше за уште неколку квалитетни прволигаши. Минатата сезона одигра 28 натпревари во Првата лига со ефект од 11,3 поени и 4,4 скока и беше еден од најдобрите во чаирскиот тим.
Пред да дојде во Шкупи, Стојановски играше и за Феникс, МЗТ Скопје УБ, како и Пелистер и ТФТ со кои учествуваше во АБА 2 лигата.
Покрај Стојановски, Работнички како нови засилувања ги донесе уште Филип Наков од Вардар и Американците, Брет Томпсон и Џордан Онил, ги продолжи договорите со Стојан Ѓуроски и капитенот Виктор Ефремовски, а од минатата сезона останува и Дамјан Робев кој лани се обврза на двегодишна верност кон Работнички. Екипата ќе ја води Владимир Мирковски.


