Како што беше најавено пред две недели, 15-кратниот шампион на Македонија го потврди новиот тренер што ќе ја води екипата.
На местото на Горан Самарџиев, поточно Нермин Пепиќ кој ја доврши претходната кампања, доаѓа 40-годишниот Владимир Мирковски кој денеска официјално потпиша договор на две сезони. Марковски има дводецениско искуство како тренер, долго време со голем успех водеше младински екипи, а минатата сезона ја заврши во српскиот тим Војводина.

По формализирањето на договорот со Мирковски, Работнички ќе се фокусира на засилување на составот и во следниот период ќе биде комплетиран тимот што ќе се бори за трофеите во домашната кошарка. Клубот од Градски парк нема да игра на меѓународна сцена и ќе може сите сили да ги насочи во првенството и Купот.
Доаѓањето на Мирковски треба да донесе и нова енергија во Работнички иако е јасно дека младиот стручњак ќе има исклучително тешка задача да го врати тимот на шампионските патеки.


