Најтрофејниот македонски клуб Работнички поведе со 1-0 во четвртфиналната серија против Пелистер откако попладнево како домаќин славеше со 67-64.
Неизвесниот и прилично неефикасен меч беше решен во последните секунди. Работнички беше речиси цел натпревар во водство, но битолчани во финишот дојдоа до предност и се заканија дека ќе направат брејк уште на стартот. Домаќините, сепак, издржаа и со предност го очекуваат вториот натпревар кој нема да биде ништо поразличен од денешниот.
Работнички ја презеде контролата над резултатот кон средината на првата четвртина и иако Пелистер му беше зад петите, не ја испушти до последниот период. Највисоката предност изнесуваше осум разлика (45-37) во средината на третиот квартал, ама Пелистер ни тогаш не се предаде и на две минути пред крајот поведе со 62-60.
Многу важна тројка во следниот напад погоди Ѓуроски, потоа Пелистер не искористи два шута, а на спротивната страна исклучително битна топка прифати Ефремовски по што Рош реализира положување и го однесе Работнички на 65-62. По тајмаутот, Шошкиќ му ја украде топката на Гамбрел и со забивање стави точка на овој меч.
Горан Самарџиев немаше многу расположливи сили, главниот товар го презедоа седум кошаркари, Капетановиќ не играше, а Хот на теренот помина помалку од четири минути, но што играа буквално изгинаа. Рош со дабл дабл од 17 поени и 10 скока беше најдобар играч кај Работнички, двоцифрени беа уште Шошкиќ (15), Ефремовски (14) и Ѓуроски (13), а интересна беше статистиката на Дубински кој постигна само два поена, со очаен шут од игра (1/10), но имаше и 10 асистенции.
Прво име на Пелистер беше Мишковиќ со моќен дабл дабл од 23 поени и 13 скока, Антоан додаде 15 поени, а Гамбрел 12.


