ТФТ поведе со 1-0 во полуфиналната серија од македонскиот кошаркарски плејоф откако вечерва го совлада Работнички со 98-90.
Драматичниот меч беше решен по продолжение и покрај тоа што ТФТ постојано го диктираше темпото и во третата четвртина имаше водство и од 15 разлика. Работнички покажа карактер, беше блиску до пресврт и победа, но потклекна во клучните моменти.
Натпреварот почна со доминација на Работнички кој во четвртата минута водеше со 12-7, но тука застана. Со серија од 7-0, ТФТ ја презеде предноста, а до крајот на првата четвртина веќе водеше со девет разлика (25-16). По три минути игра во вториот квартал, домаќините на овој меч првпат имаа двоцифрена предност (31-21), па иако Работнички постојано се доближуваше, не успеваше и да поведе.
Се чинеше дека се е готово на три минути пред крајот на третиот период кога ТФТ отиде на максимални +15 (65-50), но драмата допрва почнуваше. Постепено се топеше предноста на домашниот тим, по неколку обиди Работнички конечно дојде на еден посед негатива, а по седумте поени во низа на Дубински, од кои две тројки, на две минути пред крајот израмни на 83-83. Говенс погоди фантастична тројка, но Рош потоа намали на 85-86, а откако ТФТ не го искористи својот напад, Работнички доби шанса да го преземе водството. Шошкиќ беше фаулиран и доби две слободни фрлања, ама погоди само еднаш, колку да израмни и да го одведе мечот во продолжение. Во последниот напад Зафиров промаши тројка за победа.
Во дополнителните пет минути ТФТ доминираше, Работнички се одржуваше до 90 секунди пред крајот кога беше 89-88, но Шошкиќ направи петта лична грешка, Дубински беше изблокиран за тројка и Браун од линијата за слободни фрлања стави крај на сите дилеми.
Говенс одигра извонреден натпревар, постигна 25 поени, Браун беше фантастичен во клучните моменти и заврши со 21 поен и 9 скока, а двоцифрени беа и Хотон и Гринли. Стојан Ѓуроски повторно ја имаше лидерската улога со 20 поени, Дубински додаде 19 поени, но да не беше промашеното слободно фрлање во последниот напад, херој на Работнички повторно ќе беше Андреј Шошкиќ кој беше блиску до трипл дабл (10 поени, 9 скока, 6 асистенции) и имаше највисок индекс во својот тим (21).


