Македонската кошаркарска репрезентација го одигра можеби најдобриот натпревар во претквалификациите за Светско првенство, но сепак го доживеа третиот пораз.
На гостувањето во Романија, нашите кошаркари загубија со 66-79 и останаа само со теоретски шанси за пласман на едно од првите две места. Теоријата подразбира пораз на Унгарија во следниот меч со Романија на домашен терен и потоа наша победа во последното коло со над 39 поени разлика.
Денешниот натпревар во Орадеа многу наликуваше на првиот меѓусебен дуел на Македонија и Романија, одигран пред 11 дена во Куманово. Романците го диктираа темпото и главно беа во водство, но клучната разлика и победата ја обезбедија благодарение на шутот од дистанца. Во Куманово погодија 12, а денеска 11 тројки од кои две во последните две минути откако Македонија се доближи на само три поени негатива.
Една погоди Куци од „мртов“ агол, а точка на мечот стави Никулеску на влезот на последната минута од мечот. Откако Амар Хот постигна кош за 66-69 на нешто повеќе од три минути пред крајот, Македонија не успеа повторно да реализира, па Романците го затворија натпреварот со серија од 10-0 и на крајот славеа и преубедливо во однос на она што се случуваше во последната четвртина.
За разлика од Романците, македонската репрезентација погоди само пет тројки од 24 шута, ја загуби битката под кошевите, но сепак и со ослабен состав покажа карактер. Џејкоб Вајли повторно беше наш најдобар кошаркар, постигна дабл дабл со 19 поени и 10 скока, Магдевски додаде 13 поени, а Митревски 11.
Со денешната победа, Романија го обезбеди пласманот во квалификациите за Светското првенство бидејќи има биланс 3/0. Својот последен натпревар, Македонија го игра на 20 август, против Унгарија на домашен терен.


