МЗТ Скопје без поголеми проблеми дојде до водство од 1-0 во четвртфиналната серија со Феникс откако вечерва славеше со 81-58.
Со исклучок на воведната четвртина, натпреварот помина во тотална доминација на актуелниот шампион. Феникс одлично го отвори мечот, водеше со 8-0 по неполни две минути игра, во предност беше до петтата минута, потоа МЗТ ја презеде контролата, но по првиот квартал, гостите имаа минимално водство (21-20).
Израмнето беше до средината на вториот период (24-24), а потоа следуваше серија од 12-0 на МЗТ Скопје, Феникс беше без поени повеќе од шест минути и аеродромци на голем одмор заминаа со 40-28. Во третата четвртина, МЗТ направи уште една серија од 11-0 и тука веќе се беше решено.
Васко Атанасов им даде минутажа на сите кошаркари, Дамјан Стојановски беше најефикасен со 17 поени, Копривица додаде 15, а Андоновски 13. Адетукаси со 12 поени беше единствен со двоцифрен ефект во тимот на Феникс.


