Екипата на Шкупи го победи Гостивар во директниот дуел за опстанок, но вториот патник во понизок ранг ќе се знае по одигрувањето на последните две кола од плејаутот.
Чаирчани славеа со 82-78 и за два поена се послаби во меѓусебните дуели со Гостивар, а имаат и далеку полоша кош-разлика од својот ривал. Мохамед на шест секунди пред крајот имаше шут за тројка која ќе го одведеше Шкупи во подобар биланс од Гостивар, но не беше прецизен.
Ова значи дека во последните две кола, Шкупи и Гостивар влегуваат со идентичен биланс (9/17) и дуелите со Вардар и Тиквеш ќе одлучат кој ќе го освои третото место во плејаутот кое води во понизок ранг.
Денеска најефикасен кај Шкупи беше Златевски со 20 поени, но се истакна и Борјан Стојановски со 19 поени и 10 скока. Грушановиќ го предводеше Гостивар со 29 поени, а не играше ветеранот Дарко Соколов.


