Американскиот интернационалец Ленгстон Вилсон е најновото и последно засилување на тимот на Пелистер за новата сезона.
Станува збор за играч на центарската позиција, висок 210 сантиметри кој треба да биде од огромна помош во борбата под обрачите. Вилсон има искуство од НЦАА лигата како член на универзитетите Вашингтон и Милвоки, а ланската сезона ја мина во Турција, во дресот на Бодрумспор каде имаше просек од 10,3 поени и 6,8 скокови по натпревар.
Со ангажманот на Ленгстон Вилсон Пелистер дефинитивно го комплетира составот за новата сезона откако претходно беа потпишани договори и со Никола Малешевиќ, Џордан Скипер-Браун, Остин Прајс, Си-Џеј Вилсон и со Брејси Дејвис.
Од домашните играчи дојде репрезентативецот Андреј Митревски, а беа продолжени договорите со уште четворица кошаркари: Лука Стојановски, Бобан Стајиќ, Дамјан Крстевски и со Дарко Најдовски. Пелистер идната недела го очекуваат квалификации за Лигата на шампионите, а ако не успее да ја помине Реџана од Италија, ќе се пресели во ФИБА Европакупот.


