Најтрофејниот тим во Македонија, Работнички е последниот учесник во полуфиналето од македонското кошаркарско првенство.
Екипата од Градски парк, во драматичен финиш го совлада Пелистер со 82-79 во „мајсторката“ оа најинтересната серија од плејофот. Херој на Работнички беше најмладиот во составот, Андреј Шошкиќ кој погоди тројка со истекот на времето за победа на неговиот тим.
Претходно Работнички имаше и 16 поени предност, но дозволи Пелистер да се врати во игра и дури да се најде во ситуација да се бори за победа. Благодарение на Костоски кој погоди неколку тројки, битолчани израмнија, па дури и водеа во два наврата. Во финишот и судиите имаа неколку сомнителни одлуки како чекорите на Стајиќ и личната грешка во напад (петта) на Стојан Ѓуроски, но за среќа тие не влијаеја на резултатот.
Шошкиќ, всушност, ги постигна последните пет поени за Работнички бидејќи на 20-тина секунди пред крајот украде една топка и во контранапад постигна кош под фаул. При водство на домашните од 79-77, Антоан погоди тешка „двојка“ по што се чинеше дека мечот ќе оди во продолжение, но така не мислеше Шошкиќ кој погоди со звукот на сирената и го одведе Работнички во полуфиналето, на мегдан со ТФТ.
Шошкиќ и Ѓуроски беа најефикасни кај Работнички со 23, односно 24 поени, а Рош оствари дабл дабл со 17 поени и 12 скока. Костоски го предводеше Пелистер со 21 поен, а кај битолчани изостана помошта од клупата бидејќи резервните играчи од кои само двајца влегоа во игра, постигнаа едвај два поена и тоа преку Лука Стојановски.


