Во просториите на Министерството за спорт, денеска се одржа средба помеѓу министерот Борко Ристовски со претседателот на СККФСМ Алија Феревски и Комесарот за натпреварувања Александар Милојевиќ, на која членот на Владата на РМ беше информиран за предизвиците со кои се соочуваат службените лица и причините кои доведоа до незадоволство и одлуки за прекин на натпреварите минатиот викенд.
Министерот ја изрази својата поддршка за барањата на кошаркарските судии и делегати и во таа насока даде цврсто уверување дека сите долгови кон нив ќе бидат подмирени во најкус можен рок. Во интерес на кошарката и спортот воопшто, е натпреварите да продолжат во еден амбиент на доверба и доследно исполнување на меѓусебните обврски на сите актери во кошаркскиот спорт.
Беше разговарано и за конкретни чекори со кои во иднина ќе се избегнат ситуации на нарушувања на исплатата и остварувањето на правата на службените лица. Министерството ќе остане посветено и ќе ја следи ситуацијата, со поддршка на конструктивен дијалог меѓу сите страни, со цел надминување на застојот и овозможување фер, континуиран и регуларен натпреварувачки процес.


