По неколкучасовна дебата, кошаркарските судии доцна вечерва донесоа одлука да го прекинат штрајкот и да овозможат продолжување на сите натпреварувања во земјава.
Арбитрите покажаа конструктивност, за доброто на кошарката и ги прифатија ветувањата од Кошаркарската федерација. По вечерашниот состанок, одлучено е сите лиги продолжуваат од среда (23 април), а судиите се согласија да почекаат целосна исплата на долговите до 25 април, како што вчера беше ветано од челниците на Федерацијата.
Ова значи дека претстојниот викенд, кога се слави Велигден, нема да има кошарка, а веднаш по завршувањето на празниците, екипите се враќаат на терените.
Тогаш ќе стартуваат плејофот и плејаутот во Првата машка кошаркарска лига, плејаутот кај дамите и натпреварите од Втората, Третата и младинските лиги. Паузата траеше од минатиот викенд кога судиите одлучија да стапат во штрајк поради доцнење во исплатата.


