Плејмејкерот на ТФТ, Виктор Ташовски синоќа го одигра најдобриот натпревар во кратката репрезентативна кариера и има огромна заслуга за победа на Македонија против Унгарија.
Покрај 14. постигнати поени, тој ја иницираше серијата од 13-0 на македонската репрезентација пред крајот на првата и почетокот на втората четвртина по која нашиот тим првпат резултатски се одлепи.
Врв на неговата игра беше потегот во последната минута од првата четвртина кога прво украде топка, а потоа во контранапад атрактивно ја заби, оневозможувајќи ги противниците, евентуално, да го „залепат“. Со оглед на тоа што се работи за еден од најниските играчи во македонската репрезентација, забивањето дополнително добива на тежина и на атракција.


