Македонскиот репрезентативец и еден од најперспективните наши кошаркари Теодор Симиќ и во новата сезона ќе ги брани боите на поранешниот вицешампион Кожув.
Со гевгелискиот клуб, тој го продолжи договорот на уште една година и ќе биде дел од амбициозниот проект кој почна минатата натпреварувачка кампања со пласманот во финалето од Купот на Македонија. Симиќ дојде во Кожув на средина од минатата сезона и одигра 14 натпревари во првенството со ефект од 8,5 поени 5,7 скока по меч. Искуството од настапите во македонската сениорска репрезентација ова лето треба да му помогнат во намерата да стане еден од носителите на играта на Кожув.
Гевгеличани имаа исклучително успешен летен преоден рок во кој значително се засилија и со големи амбиции ја дочекуваат сезоната. Во тимот дојдоа тројца нови странци (Родни Пурвис, Арсеније Вучковиќ и Девон Хигс), а засилување е и довчерашниот капитен на Вардар, Хусеин Бајрам.
Кожув денеска ги почнува подготовките за новата сезона со тоа што најголемото засилување, Родни Пурвис се очекува да се приклучи во текот на утрешниот ден.


