Тимот на ТФТ го оствари најголемиот успех во македонското кошаркарско првенство, освојувајќи го второто место на крајот од основниот дел од сезоната.
Во клучниот натпревар, поранешниот освојувач на Купот на Македонија го совлада Пелистер со 79-67 по што е јасно дека сигурно ќе биде втор, а битолчани сигурно шести. Никогаш досега ТФТ не бил повисоко пласиран од третата позиција на крајот од основниот дел од сезоната.
Победата на ТФТ е апсолутно заслужена ако се знае дека беше во водство во најголем дел од мечот, на моменти и со 20 поени разлика. Клучната предност ја направи во втората и третата четвртина кои вкупно ги доби со 46-27.
Прв играч на натпреварот беше Зек Браун со 23 поени и 7 скока, а Зафиров додаде 12 поени и 9 скока. Антоан и Стајиќ со по 14 поени го предводеа Пелистер кој во четвртфиналето ќе се сретне со победникот од утрешниот натпревар меѓу Работнички и Кожув.


