Екипите на ТФТ и МЗТ Скопје ќе се сретнат и во финалето од Меморијалниот турнир „Андреј Грковски Тафта“ кој викендов се одржува во Кале со што ќе ја продолжат битката од финалето на плејофот минатата сезона.
Актуелниот првак МЗТ Скопје потешко од очекувањата го совлада Тиквеш со 71-67 во првиот полуфинален меч. Отпорот на кавадарчани беше скршен во последните 50 секунди во кои се влезе со израмнет резултат (67-67). Прво Мекејден погоди две слободни фрлања, во следниот напад Дамјан Стојановски го изблокира Џексон за потоа со два „пенала“ да стави точка на мечот. Мекејден беше најефикасен со 20 поени, а Гил додаде 14 за МЗТ Скопје, додека Андерсон со 16 поени го предводеше тимот на Тиквеш.
Во вториот меч немаше толкава неизвесност и ТФТ без поголеми проблеми го победи Кожув со 82-76. Гевгелискиот тим подобри отвори, водеше со 12-5, но потоа организаторот на турнирот ја презеде иницијативата и речиси константно се наоѓаше во водство со тоа што на три минути пред крајот ги достигна највисоките +17 (79-62). Кожув се обиде во финишот да направи пресврт, но стигна само до -6.
Во мечот за третото место, утре од 17 часот ќе се сретнат Тиквеш и Кожув, а од 19:30 се игра големото финале.


