Веќе традиционално, Кошаркарскиот клуб ТФТ на оригинален начин ќе го одбележи стартот на сезоната во која, по пауза од една година, повторно ќе учествува на три фронта: домашното првенство и Куп и АБА 2 лигата.
Последните години, клубот од Тафталиџе ја користеше секоја можност за анимација за забава на љубителите на кошарката во Скопје и на своите фанови. Организираше хуманитарни и социјални акции, правеше забави пред натпреварите од финалната серија, а таа традиција ќе продолжи и годинава.
За утре (1 октомври) од 17 часот во Трговскиот центар Лептокарија е закажана забава и дружба со навивачите и пријателите на клубот. Меѓу другото, тоа ќе биде и донаторска конференција затоа што на лицитација ќе бидат ставени неколку предмети од големо значење за ТФТ: топка од дебитантскиот настап во квалификациите за Лигата на шампионите од 2022, медал од освоениот Куп на Македонија истата година и топка од финалната серија против МЗТ Скопје од минатата сезона.
За посетителите се предвидени пригодни подароци, а посетителите ќе имаат можност да купат сезонски билети и да си изберат навивачки реквизит на ТФТ.
Клубот од Тафталиџе во моментов е единствениот во македонското кошаркарско првенство кој редовно организира вакви настани, без разлика во која фаза е сезоната.


