Во период кога најголем дел од прволигашите уште немаат ниеден нов играч, ТФТ веќе го договори второто засилување за новата сезона.
Боите на актуелниот вицешампион ќе ги брани американскиот интернационалец Стенли Дејвис кој минатата сезона ја поминал во португалскиот прволигаш Галомар. На 13 одиграни натпревар за овој тим, просечно постигнувал по 14,2 поена, 2,8 скока и 2,3 асистенции, а во својата кариера настапувал уште во Албанија, БиХ, Велика Британија, Грузија, Либан, Сирија и САД.
Дејвис е висок 198 сантиметри, има 27 години, а ги покрива позициите 2 и 3. Тој беше интересен за ТФТ и пред две години, но тогаш тренерот Боро Смилковски не успеа да го договори. Сега конекцијата е преку Дерин Говенс кој одлично го познава Дејвис затоа што се од ист крај и долго време се познаваат.
Пред Дејвис, ТФТ го договори и Џастин Гордон кој дојде од словачкиот тим Нитра. Претстојната сезона актуелниот вицешампион на Македонија се враќа во АБА 2 лигата.


