Секој успех на ТФТ се одбележува со стил, па исклучок нема да биде ни пласманот во полуфиналето од плејофот во македонското кошаркарско првенство.
ТФТ се среќава со Работнички и ќе атакува на своето прво финале во историјата, а за почетокот од серијата против својот локален ривал, најавува спектакл каков што ретко се случува во македонскиот спорт. Првиот натпревар се игра утре од 18 часот во Кале, но забавата ќе почне од 16:30 кога љубителите на кошарката и навивачите на ТФТ ќе можат да се загреат.

Домаќинот организира забава со Ди-џеј, со храна и пијалоци за сите присутни, а ритамот во салата ќе го одржуваат светските шампиони од танчерската школа Денсерс јунајтед кои ќе имаат специјален перформанс.
За ТФТ, кошарката не е само спорт, туку начин на живот и можност за дружење и добра забава. Желбата за успеси е секогаш присутна, но на прво место е промоцијата на културните вредности во општеството. Токму поради тоа, во текот на оваа сезона ТФТ беше единствен македонски клуб кој организираше чистење на општината (Карпош, од каде потекнува), крводарителска акција и дружење со своите сограѓани, па забавата пред дуелот со Работнички ќе биде само продолжение на овие активности.


