Поранешниот шампион на Македонија Тиквеш Голден Игл договори уште тројца нови кошаркари во пресрет на новата сезона.
Членови на кавадаречкиот состав се поранешниот младински и сениорски репрезентативец на Македонија, Петар Бошалески, потоа Карло Блажевски и американскиот интернационалец Си Џеј Џексон. Бошалески минатата сезона играше во Пелистер и Охрид, Блажевски настапуваше во тимот на МКК Куманово, но најголемо засилување треба да биде Џексон кој има богато интернационално искуство.
Претходната натпреварувачка кампања, 29-годишниот кошаркар кој ги покрива бековските позиции ја помина во словачкиот прволигаш Превидза со која учествуваше во ФИБА Европа купот и во дуелите со Алба Фехервар, Кутаиси, Билбао и Балкан, просечно постигнуваше по 11,9 поени, 8,4 асистенции и 3,4 скока. Сличен ефект имаше и во словачкото првенство, а претходно во кариерата играл и во Велика Британија, Финска, Израел, Шведска, САД и Виетнам.
За Блажевски и Бошалески кои се на почеток на својата професионална кариера, Тиквеш Голден Игл е добра шанса да го потврдат својот талент и да се изборат за поголема минутажа. Кавадаречкиот прволигаш претходно ги продолжи договорите со Тодор Златев, Илија Мирков, Стеван Глигоријевиќ и Христијан Несторовски, а се засили со американскиот бек Крис Дис и довчерашниот играч на Феникс, Благој Димитриев.


