Втора година по ред, македонскиот прволигаш ТФТ ќе го организира Меморијалниот турнир „Андреј Грковски Тафта“ во чест на прерано починатиот пријател на клубот, симпатизер и искрен љубител на кошарката.
Турнирот ќе се одржи на 20 и 21 септември во СРЦ Кале, а покрај организаторот, ќе учествуваат уште Тиквеш, Кожув и МЗТ Скопје. Актуелниот шампион на Македонија е и бранител на трофејот кој го освои во инаугуралното издание, лани. Исто како минатата година, турнирот ќе биде од хуманитарен карактер.
„Овој турнир е многу повеќе од спортски настан. Тоа е момент на сеќавање, благодарност и хуманост. Во негово име и спомен, турнирот ќе има хуманитарен карактер, а сите средства собрани од настанот ќе бидат донирани на семејството на Андреј“, соопшти ТФТ.
Во полуфиналните дуели, в сабота, ќе се сретнат МЗТ Скопје и Тиквеш (17 часот) и ТФТ и Кожув (19:30), а в недела во истите термини ќе се одржат натпреварите за пласман.


