Утре во главниот град на Катар, Доха ќе се одржи ждрепката за квалификациите за Светското првенство во 2027 година чиј домаќин ќе биде оваа азиска држава.
Пред неколку дена ФИБА ги категоризираше репрезентациите учеснички во квалификациите со тоа што остави осум слободни места, за оние селекции кои ќе влезат таму преку претквалификациите. Меѓу нив е и Македонија која претстојното лето ќе треба да го мине првиот филтер за да дојде до друштвото на најдобрите.

Македонската репрезентација се наоѓа во групата Б од претквалификациите, заедно со Романија и Унгарија, а пласман понатаму обезбедуваат првопласираните две селекции. Циклусот се игра од 2 до 20 август годинава, по двокружен систем, а во зависност од тоа кое место ќе го освои во групата, Македонија (ако помине во следната рунда) би знаела со кого ќе игра во квалификациите.
Во првите два шешира се распоредени најдобрите репрезентации, во првиот се Србија, Германија, Франција и Шпанија, а во вториот се Летонија, Литванија, Словенија и Грција.


