Во второто коло од плејаутот, екипата на Вардар ја оствари првата победа во сезоната откако го совлада Шкупи со 87-85.
Кошот за триумф го постигна младиот Христијан Настовски со истекот на времето за големо славје на тимот кој идната сезона ќе игра во Втората лига. Сепак, сето она што се случуваше на теренот остана во длабока сенка на големиот инцидент по неговото завршување.
Од засега непознати причини, во физички дуел влегоа претставници на стручните штабови на двете екипи кои почнаа да се удираат меѓу себе, па во тепачката влегоа и играчи на Вардар и Шкупи. Мораше да интервенира полицијата која во моментов ја има во голем број пред салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода.
Што се однесува до натпреварот, Хусеин Бајрам со 23 поени беше најефикасен, Наков додаде 21, а Младеновски 18. Мохамед го предводеше Шкупи со 31 поен.


