Кошаркарската федерација на Македонија летово направи промена во правилниот и дозволи во второлигашките клубови да има простор за еден странски кошаркар.
Такво нешто имаше во земјава пред крајот на минатиот век, но подоцна, со цел Втората лига да стане развојна, ова правило беше укинато. Сега повторно стапува на сила, а го искористи тимот на Овче Поле од Свети Николе кој денеска објави дека постигнал договор со американскиот интернационалец Натаниел Семедо. Минатата сезона играч во третата дивизија на НЦАА и, со оглед на конкуренцијата во второлигашката конкуренција (од новата сезона оваа лига ќе се вика Прва), секако ќе претставува засилување за Овче Поле.
Клубот од Свети Николе обезбеди пласман во повисок ранг со специјална покана иако минатата сезона не успеа да дојде до финалето во Третата лига. Пред 16 години (во сезоната 2009/10), во елитната дивизија во Македонија учествуваше клуб со истото име, но една година подоцна тој се распадна. Новиот Овче Поле има високи амбиции, летово донесе неколку засилувања и ќе се обиде да го повтори успехот на поранешниот клуб.


