Македонската сениорскса репрезентација денеска официјално ги почна подготовките за претквалификациите за Светското првенство.
Новиот селектор Марјан Илиевски ја направи прозивката на која се појавија десетмина кошаркари, претежно од младиот бран, а во следниот период оваа бројка ќе се зголеми со дел од поискусните. Илиевски го истакна планот за подготовките, но и моменталната ситуација во која се наоѓа репрезентацијата.
„Во интерес на она што го затекнавме, мораме да го одложиме стартот на подготовките за неколку дена. Дел од играчите најавија отсуство, дел поради приватни причини, а дел добија дозвола подоцна да се приклучат. Повикани се 27 кошаркари од кои денеска требаше да се појават 11, но денеска ни откажа Лејсон Зеќири поради повреда што ка доживеа летово.
На 17 јули заминуваме за Гевгелија, таму ги чекаме да се приклучат Адем Мекиќ и Теодор Симиќ, а на 22 јули треба да пристигне Андреј Јакимовски. На списокот има и неколку младински репрезентативци и од нивниот ангажман зависи кога ќе се приклучат тие.
Очекував да дојде Ненад Димитријевиќ, но за жал тој нема да биде во комбинација бидејќи летото го користи за свој одмор и дава приоритет за клупската иднина. Ние бевме расположени да му овозможиме да дојде подоцна, но последната информација е дека тој нема да игра во овие претквалификации. Жалам што некои кошаркари, а и нивните клубови пристапија со став дека ова се претквалификации за Светско првенство и тоа не е многу важно, а би биле тука за претквалификации за Европско првенство.
Добра вест е тоа што од странските кошаркари, ќе го имаме Џејкоб Вајли бидејќи сметавме дека треба да ја покриеме центарската позиција“, рече Илиевски.
Натпреварите против Романија и Унгарија се на програмата од 2 до 20 август, а како домаќини ќе настапуваме во Куманово.


