Македонската женска кошаркарска репрезентација денеска ги дозна ривалите со кои ќе се сретне во првата квалификациска рунда за пласман на Еуробаскетот во 2027 година.
Во оваа фаза учествуваат 27 селекции при што тие се поделени во седум групи од кои шест се со четири, а една со три члена. Македонија се најде во групата Ф и ривали ќе ѝ бидат Грција, Данска и Хрватска. Пласман во следниот сегмент обезбедуваат првопласираните две репрезентации од секоја група, плус најдобрите три третопласирани. Селекциите кои ќе бидат елиминирани, се префрлуваат во претквалификациите за Еуробаскетот во 2029 година, додека во втората фаза се вклучуваат Шпанија, Италија, Франција, Германија, Чешка, Турција и Унгарија.

Натпреварите од првата квалификациска рунда се играат во ноември и март со тоа што во секој „прозорец“ репрезентациите ќе имаат по три натпревари.


